Гвардиола во трка со Реал: Сити има повеќе пари за Мбапе

Наспроти вчерашните пишувања на „Марка“ дека Монако ја прифатил понудата на Реал Мадрид за Килијан Мбапе, францускиот првак демантираше дека има постигнато договор со било кој клуб околу продажбата на суперталентираниот француски голгетер. Проблемите на „кралскиот клуб“ се уште поголеми откако беше обелоденето дека Реал не е единствениот клубот што е во офанзива за Мбапе, откако и Манчестер сити подготви богатство за да го привлече овој фудбалер во своите редови.

Неколку британски медиуми утрово ја објавија информацијата дека „граѓаните“ веќе извесно време се во преговори со Монако, при што во редовите на англискиот клуб владее и огромен оптимизам дека Мбапе може да пристигне во Манчестер.

Ако Реал може да си дозволи 180 милиони евра за Мбапе, ние можеме да платиме уште повеќе. Нема причина зошто не би го довеле овој врвен фудбалер во своите редови“ – гласи ставот на Манчестер сити, пренесен од британските медиуми.

Проблем за Сити засега претставува желбата на Мбапе да се пресели во Мадрид, но „граѓаните“ се убедени дека ќе му дадат понуда за шестгодишен договор што Французинот нема да може да ја одбие.

Едно е јасно, сагата околу суперталентираниот голгетер е далеку од завршена, но како што се ближи крајот на преодниот рок, така се појасно станува дека Мбапе е подготвен за заминување од Монако.

Се вчитува...