Гвардиола: Знам дека нема да уживаме во финалето против Челси

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола добро знае што е финале во Лигата на шампионите, откако овој трофеј го освои двапати како тренер на Барселона, но сега има голем притисок да го донесе толку посакуваниот трофеј наменет за најдобриот тим во Европа на популарните „граѓани“.

Шпанецот многу добро знае зошто беше донесен во Манчестер Сити на 1 јули 2016 година. И покрај досегашните освоени точно десет трофеи, вклучително и три премиерлигаши во последните четири сезони, тој е свесен дека од него се бара да го донесе трофејот во Лигата на шампионите на „Етихад“.

„Дури сега имаат смисла овие мои пет години“, рече Пеп Гвардиола, кога за првпат со Сити успеа да стигне до финалето во Лигата на шампионите со победата над Пари Сен Жермен.

Пеп е свесен дека тие пет години ќе добијат „комплетно“ значење само доколку Сити е подобар од Челси во финалето. Воопшто нема да биде лесно. И покрај доминацијата на Сити во Премиер лигата, „сините“ од Лондон се единствените што ги совладаа двапати годинава. Најпрво во полуфиналето на Фа Купот на Вембли (0: 1), а потоа и на премиерлигашкиот натпревар на „Етихад“ по пресвртот (1-2).

Фудбалерите на Манчестер дефинитивно ги чека уште еден тежок натпревар против Томас Тухел и неговите играчи.

„Знам точно што не чека против Челси. Нема да биде игра за уживање. Јас сум прилично сигурен дека ќе мора да работиме напорно за да го добиеме финалето. Убаво е да се каже – момци, излезете на терен и уживајте, но понекогаш тоа не е можно. Мора да се прилагодиш на ситуацијата и да се жртвуваш за да ја постигнеш целта“, заклучи менаџерот на Сити.

 

 

 

Се вчитува...