Хајдук ќе раскине со Александар Трајковски?

Големи промени се најавуваат во таборот на Хајдук за наредната сезона откако по разочарувачките триесетина дена сплитскиот тим остана без тренер и претседател, а оставка неодамна си поднесе и спортскиот директор Миндаугас Николичиус.

Мал е бројот на фудбалери кои важат за „недопирливи“ во Хајдук и за наредната сезона, а хрватските медиуми најавуваат сериозен ремонт во играчкиот кадар. Еден од оние кои сигурно ќе си заминат според порталот „Индекс“ е и македонскиот репрезентативец Александар Трајковски.

Нашиот голгетер добиваше шанса по потписот како слободен играч, но сезонава статусот во тимот значително му се промени. Згора на тоа, Хајдук дополнително го засили нападот со Брекало и Калиниќ зимава, по што стана јасно дека сплитскиот клуб не смета воопшто на неговите услуги. Впрочем, Трајковски одигра само десет средби за Хајдук сезонава (на голем дел од нив влегуваше од клупата), постигнувајќи само еден погодок за својот тим.

Тој има уште една година од договорот, но според „Индекс“ челниците на Хајдук се подготвени да седнат на маса и да ги договорат условите за предвремен прекин на соработката меѓу двете страни.

Се вчитува...