Халанд има клаузула дека може да си замине од Дортмунд следното лето

Неколку европски гиганти зимава беа во трка по Ерлинг Халанд, кој на крајот ја избра Борусија Дортмунд за своја следна дестинација. Норвешкиот тинејџер има старт од соништата во новиот клуб, постигнувајќи пет гола на првите две средби на кои влегуваше во игра во второто полувреме, но според последните информации Халанд нема предолго да остане во Дортмунд иако потпиша договор со овој клуб до 2023 година.

Имено, весникот „Билд“ обелодени дека во договорот на Халанд со германскиот клуб има клаузула според која Норвежанецот од јуни 2021 година ќе може да си замине за отштета од 75 милиони евра. Тоа бил еден од условите на кои инсистирале голгетерот и неговиот агент Мино Раиола, со оглед на фактот дека токму благодарение на ваква клаузула Халанд беше достапен за 30 милиони евра иако неговата пазарна вредност е многу повисока.

Останатите клубови одолговлекувале во преговорите токму поради клаузулата, но челниците на Борусија прифатиле, свесни дека можат да го искористат одличниот голгетер во наредните 18 месеци, а потоа доколку добијат понуда и да заработат од неговата продажба.

Со оглед на константниот раст на цените на фудбалскиот пазар, речиси сигурно е дека гигантите во наредната година ќе тргнат во нова битка за потпис на норвешкиот голгетер, кој има потенцијал да стане еден од најдобрите напаѓачи во светскиот фудбал.

Се вчитува...