Халанд може да испише историја против Ливерпул

Ерлинг Халанд е откровение на сезоната во Лигата на шампионите, откако младиот Норвежанец во првите пет досегашни средби постигна дури осум погодоци. Тој ја отвори сезоната со хет-трик против Генк, потоа стрелаше и на „Енфилд“ против Ливерпул, па даде два гола на домашниот меч со Наполи, за потоа да биде прецизен и на гостувањата во Неапол и во Белгија.

За успехот да биде поголем, Халанд на две од овие пет средби не беше ниту стартер за Салцбург, но тоа не му пречеше да го најде патот до противничката мрежа штом му се укажа шанса за такво нешто. Доколку биде прецизен и на вечерашниот меч со Ливерпул, Халанд ќе стане првиот играч во историјата кој успеал да постигне најмалку по еден гол на првите шест средби што ги одиграл во Лигата на шампионите.

„Ерлинг е извонреден голгетер, толку млад, а толку квалитетен… Како се запира таков играч? Треба да се погрижите да добие што помалку топки во шеснаесетникот, бидејќи секоја негова акција блиску до нашиот гол несомнено ќе биде опасност по Алисон“ – изјави Јирген Клоп во пресрет на денешниот натпревар.

Се вчитува...