Халеп на еден чекор до врвот на ВТА-листата

Симона Халеп се наоѓа на само еден чекор до искачување на врвот на ВТА-листата, откако романската тенисерка попладнево славеше во осминафиналната пресметка против Викторија Азаренка. Романската тенисерка одлично се носеше со притисокот, па и покрај негативата од брејк во првиот сет успеа да се врати, да слави со 7-6, а потоа да доминира во вториот за конечни 6-2 и пласман во четвртфиналето.

Откако денеска Анжелик Кербер беше поразена од Мугуруза, веќе е јасно дека на Халеп и е доволен и пласман во полуфиналето за да ја мине Германката и да стане најдобро рангирана светска тенисерка на најновата ВТА-листа. Затоа, клучен меч за Симона Халеп ќе биде четвртфиналната пресметка во која таа за противничка ќе ја има домашната миленичка Јохана Конта.

Интересно, во случај Халеп да загуби на овој меч, Кербер нема да остане на врвот, туку скок на првото место ќе забележи Каролина Плишкова, која беше елиминирана уште во третото коло на Вимблдон, но и бранеше најмалку поени од ланското издание на овој гранслем.

Покрај Халеп – Конта, во останатите четвртфинални пресметки во женска конкуренција ќе се сретнат Мугуруза – Кузнецова, Рибарикова – Вандевеге и Остапенко – Венус Вилијамс.

Се вчитува...