Хамес дојде поради Анчелоти, сега сака да си замине од Баерн

Заминувањето на Карло Анчелоти од клупата на Баерн Минхен израдува голем дел од асовите на баварскиот гигант, но Хамес Родригез не е еден од нив. Колумбиецот одби неколку понуди од Премиер-лигата и го избра Баерн за свој нов клуб токму поради Анчелоти, па според шпанските медиуми тој веќе најавил заминување од Минхен по новонастаната ситуација.

Причината не е само Анчелоти, Хамес е несреќен во Минхен поради бавната адаптација и фактот дека не бил прифатен од страна на остатокот од тимот онака како што посакувал. Згора на тоа, тој се уште не говори германски и се чувствува изолирано, ситуација што уште повеќе ќе се потенцира со доаѓањето на германски тренер (Хејнкес) на чело на екипата.

Според шпанскиот весник „Диарио Гол“, Хамес е подготвен да се врати во Реал Мадрид веќе во јануарскиот преоден рок и побарал од своите агенти да се обидат да издејствуваат камбек на „Сантијаго Бернабеу“. Тој потпиша договор за двогодишна позајмица во Баерн, па сега на потег ќе биде Хејнкес, кој доколку процени дека Родригез му е неопходен во тимот сигурно ќе го блокира неговото заминување.

Се вчитува...