Хамес Родригез доби судски спорт со даночната управа на Шпанија

Хамес Родригез го доби случајот против шпанската даночна администрација, откако Централниот суд пресуди во негова корист и го заврши повеќегодишниот даночен спор што датира од 2014 година, објавија шпанските медиуми.

Случајот беше поврзан со неговото даночно живеалиште во годината кога се пресели од Монако во Реал Мадрид по одличниот настап на Светското првенство во Бразил.

Шпанските даночни власти тврдеа дека Колумбиецот бил даночен резидент на Шпанија во текот на 2014 година, што би го обврзало да плаќа данок на неговиот вкупен светски приход, вклучувајќи ги и договорите за права на имиџ. Првично од него беа побарани околу 11,6 милиони евра, подоцна намалени на околу четири милиони.

Сепак, како што објави шпанскиот весник Марка, судот го прифати аргументот на неговата одбрана дека живеел во Монако во текот на спорниот период и дека не го исполнувал законскиот услов од 183 дена престој во Шпанија. Официјален сертификат од властите на Монако беше исто така прифатен како клучен доказ.

Судот изјави дека неговите престојувања надвор од Монако биле исклучиво поврзани со професионални обврски, вклучувајќи ги подготовките и настапот на Светското првенство.

Со пресудата се утврди дека нема основа за третирање на Хамес Родригез како даночен резидент на Шпанија за 2014 година, со што се стави крај на долгогодишниот спор со даночните власти.

Се вчитува...