Возачот на Ферари, Луис Хамилтон изјави дека не планира да се пензионира и дека очекува да остане во Формула 1 уште неколку години. Седумкратниот светски шампион на претходната трка во Шпанија го освои шестото место и со тоа го продолжи лошиот старт во италијанскиот тим.
На барање на тимот мораше да го пропушти клупскиот колега Шарл Леклер, а Нико Хулкенберг успеа да го претекне. Моментално има 23 бода помалку од Леклер во генералниот пласман, а дури 115 помалку од лидерот Оскар Пјастре.
Сепак, 40-годишниот Хамилтон рече дека неговата приказна за Ферари само што започнала и дека не планира да се пензионира наскоро.
„Не се сомневам дека ќе продолжам да се натпреварувам во наредните години, поради што би ги замолил медиумите да не измислуваат приказни за моето пензионирање. Само што ја започнав мојата приказна овде и ќе се тркам уште многу“, изјави Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА