Хамилтон го одбил договорот со Мерцедес поради лошиот болид?

Актуелниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, го пролонгира потпишувањето на новиот договор со тимот на Мерцедес. На Британецот на крајот на сезоната му истекува актуелниот договор со германскиот тим, а продолжувањето на соработката според најавите, требаше да биде само формалност.

Но, Хамилтон одбил да го потпише новиот договор со Мерцедес затоа што бил незадоволен од болидот што му го подготви Мерцедес. Британецот смета дека Мерцедес W09 нема да биде доволно брз. Сепак, шефот на Мерцедес, Тото Волф верува дека работите ќе се сменат после трката за ГН на Шпанија на која Хамилтон беше доминантен,  и дека тој ќе остане во нивниот тим.

„Не сакаме да го изгубиме, а мислам дека и Луис нема намера да замине во друг тим. Нема причина зошто да не продолжиме да се натпреваруваме заедно уште неколку години. Финализирањето на договорот е нешто во што мора заедно да бидат вклучени и двете страни и за тоа треба време. Затоа решивме тоа да го оставиме на страна и да се фокусираме на подобрување на перформансите на болидот. Сега одиме понатаму и преговорите ќе ги продолжиме во вистинско време“ – изјави  Тото Волф.

Хамилтон беше доминантен во претходните неколку сезони во Формула 1. Во последните четири сезони, титулата само еднаш му ја зеде неговиот поранешен клупски колега Нико Розберг. Сезонава, Британецот има победи на последните две од петте трки што се досега извозени во шампионатот, на трката за ГН на Азербејџан и на трката за ГН на Шпанија.

Се вчитува...