Хамилтон: Искуството кое го имам е блага предност, не сакам да размислувам за инцидент

Големата награда на Абу Даби ќе биде „шлагот на тортата“ на интересната сезона во Форума 1 која по неколку годишната доминација на Луис Хамилтон и Мерцедес го врати натпреварувачкиот дух, а најзаслужен за тоа е Макс Ферстапен кој е изедначен со седумкратниот шампион со 369.5 освоени бодови на врвот на табелата.

Па така одлуката за шампион на сезоната 2021 година ќе биде одлучена во последната трка за која Хамилтон очекува голема битка, но и се надева дека искуството ќе му помогне да постави нов рекорд по бројот на освоени титули во најбрзото натпреварување на светот.

„Привилегија е да бидам еден од двајцата возачи кои во последната трка ќе се борат за титула. Тоа е неверојатно со обѕир на тоа низ се што поминавме и се сомневам дека некој би кажал дека ова е можно. Ако има некоја разлика од претходните титули е тоа што се ближам до 37 година од животот, постар сум од претходните сезони кога се борев за титула. Тука ја гледам благата предност. Моето искуство од минатото, мојот пристап, тој возач кој постои во мене. Тој е тоа што го видовте во последните трки“, вели Хамилтон.

Во медиумите се споменува и дека титулата може да биде решена со инцидент на стазата, но британскиот возач не сака да размислува за тоа.

„Јас не можам да ги контролирам тие работи, само тоа што јас го правам на стазата. Не сакам да размислувам за судир. Тука сум да го дадам мојот максимум за да стигнам до победа“, додава возачот на Мерцедес.

Се вчитува...