Хамилтон: Не се предавам, но ќе биде многу тешко да се одбрани титулата

Луис Хамилтон не ја криеше загриженоста околу конечниот исход на трката за шампионот во Формула 1, по победата на Макс Ферстапен во Остин. Холанѓанецот сега има 12 бода предност пред Британецот, а до крајот на шампионатот остануваат уште пет трки.

Луис истакна дека следните две патеки повеќе му одговараат на тимот на Ред Бул.

„Трките во Мексико Сити и Сао Паоло се на поголема надморска височина и тоа навистина го фаворизира Ред Бул. Мора да се обидеме да ја намалиме нивната предност на минимум. Сепак, знам дека ќе биде многу тешко. И на тие две трки и во борбата за титулата до самиот крај. Ред Бул моментално е во водство“, истакна Хамилтон.

На моменти Луис одлично возеше во Остин. Особено беше импресивен на почетокот кога успеа да го претекне Ферстапен. За негова несреќа не успеа да ја задржи предноста.

„Не знам кога последен пат почнав толку добро. Презадоволен сум од тој сегмент. Дадов се од себе, ќе дадам и во иднина, нема да се предадам. Сепак, Ред Бул овој пат беше едноставно пребрз за нас“, заклучи Хамилтон.

Следната трка во шампионатот ќе се вози во Мексико на 7 ноември.

Се вчитува...