Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон не беше целосно задоволен од одлуките донесени во неделата на патеката „Спа Франкоршам“. Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен беше класифициран како победник на трката за Големата награда на Белгија, иако возеше само три круга зад безбедносното возило поради екстремно лошите временски услови.
Трката започна три часа и 15 минути по закажаниот термин. Пласманот не беше променет во однос на стартниот, а првите десет добија половина од предвидените поени.
„Ова беше фарса. Единствените што загубија беа навивачите, кои дадоа многу пари за да не гледаат како се тркаме. Се разбира, не можете да влијаете на времето, но ние имаме најсовремена опрема што ни кажува што се случува, и беше јасно дека дождот нема да престане. Не испратија на патеката само од една причина. Возевме два круга зад безбедното возило, немаше можност да ја подобриме позицијата и да им обезбедиме забава на навивачитем, тоа не е трка. Требаше да застанеме и да ги вратиме парите на навивачите“, напиша Хамилтон на социјалните мрежи.
Луис претходно во разговор за медиумите го изрази своето незадоволство.
„Парите се причина за се’. Значи, секој ќе ги добие своите пари, освен навивачите кои не видоа за што платија. Штета е што во понеделник нема да има трки. Мислам дека беше донесена лоша одлука“, рече Хамилтон.
Годинешното првенство продолжува следниот викенд со трката за ГН на Холандија, која се враќа во календарот за првпат од 1985 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА