Хамилтон: За време на вакви денови, сфаќам колку сум среќен

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон изјави дека го боли вратот и дека има силна главоболка поради инцидентот што се случи за време на трката за Големата награда на Италија.

Во 26 -от круг од трката во Монца, Макс Ферстапен го удри болидот на актуелниот шампион. Снимката со бавно движење покажа дека тркалото на болидот на Ред Бул го удри Хамилтон во кацигата, па ваквата заштита го спаси Луис од посериозна повреда.

„Во вакви денови, сфаќам колку сум среќен. Потребно е само милисекунда за да се претворат трките во застрашувачка ситуација. Сигурно некој ме заштити денес. Во мемнтот ме боли вратот, откако добив удар во главата на некој начин, нормално е да имам силна главоболка, но добро сум. Кацигата ги спречи полошите последици и јас сум неизмерно благодарен на сите што работат на нашите возила и кои ги прават трките побезбедни. Благодарение на сите што ме поддржуваат, продолжувам да се борам. Благодарен сум на секој од вас, вие сте најдобри“, изјави Хамилтон.

Ферстапен на крајот беше казнет со поместување на три места на почетокот на следната трка. Дирекцијата утврди дека Холанѓанецот не е целосен виновник, но дека во најголем дел тој го предизвикал инцидентот. Формула 1 шампионатот продолжува со трката за Големата награда на Русија.

 

 

 

Се вчитува...