Ханси Флик: Баерн Минхен го имаше првиот „сајбер тренинг“

Бундес-лигата е во прекин поради безбедносните мерки од коронавирусот што ги воведе Германија, но тоа не значи дека фудбалерите на Баерн Минхен се на одмор. Напротив, работат напорно, секој во сопствениот дом, а тренерот Ханси Флик вчера го одржа првиот „сајбер тренинг“. Со помош на технологијата тој издава задачи, а фудбалерите треба да ги извршат. Тренингот трае повеќе од час и половина, речиси идентично како и во тренинг базата на баварскиот клуб.

„Вчера во 11 часот го одржавме првиот „сајбер тренинг“. Сите се максимално мотивирани и дисциплинирани, одработивме навистина добро. Важно е што сме во дневен контакт, некогаш ќе работиме сите заедно, а понекогаш и во помали групи. Почнавме да контактираме со фудбалерите преку видео-кол, тука се и моите соработници, работиме на подобрување на физичките предиспозиции, дури и трчањето не е проблем, со оглед дека сите имаат куќи со големи дворови“, изјави Ханси Флик.

Баерн Минхен по 25 одиграни кола во Бундес-лигата се наоѓа на врвот на табелата со 55 бода, четири повеќе од Борусија Дортмунд. До крајот на шампионатот треба да се одиграат уште девет кола.

 

Се вчитува...