Ханси Флик останува тренер на Баерн Минхен до крајот на сезоната

Германскиот првак Баерн Минхен нема да бара нов тренер до крајот на сезоната. Раководството на клубот одлучи да му даде доверба на Ханси Флик, со надеж дека ќе успее да ја одбрани шампионската титула во Бундес-лигата.

По вчерашниот триумф над Волфсбург (2-0), челниците на Баерн Минхен донеле одлука Флик да остане на кормилото најмалку до крајот на сезоната.

„Баерн Минхен е задоволен од работата на Ханси Флик. Спортската форма на тимот е одлична, резултатите од неговото доаѓање се според очекувањата, а со шест победи во шест натпревари од групната фаза во Лигата на шампионите остварен е нов клупски рекорд по 28 години. Убедени сме дека Баерн Минхен под негово водство ќе успее да освои многу трофеи оваа сезона“, изјави Карл – Хајнц Румениге, првиот човек на клубот.

Ханси Флик е среќен што ќе продолжи да работи со сениорскиот тим и ја доби довербата на раководството.

„На мое задоволство, ја добив довербата на раководството до крајот на сезоната и ќе се трудам максимално да ја оправдам. Навистина уживам во работата со фудбалерите, имаме одличен тим и ќе се бориме за трофеи на сите фронтови. Обезбедивме добра позиција и за пролетна офанзива во Бундес-лигата, одлични сме во Купот на Германија и во Лигата на шампионите. Сега треба да ги наполниме батериите и да се подготвиме добро за предизвиците во 2020 година“, изјави Ханси Флик.

Се вчитува...