Ханси Флик: Релаксиран сум, моите фудбалери знаат што прават

Во претходната рунда ја уништи Барселона, претходно беше супер константен во сите натпревари, игра во топ форма, тимот е во апсолутна кохезија и затоа Баерн Минхен како фаворит влегува во полуфиналната пресметка од Лигата на шампионите против Лион. Тоа што францускиот тим на патот до полуфиналето ги елиминираше Јувентус и Манчестер Сити не го заплашува многу составот на Ханси Флик кој против Барселона ја покажа целата убавина на модерниот фудбал.

„Сигурен сум во мојот тим. Имам голем ентузијазам затоа што имаме одлична атмосфера, висок квалитет и силен интензитет на тренинзите. Опуштен сум затоа што знам дека мојот тим е фокусиран и има големи цели. Но, свесни сме дека е само еден натпревар во кој почнувате од 0-0 и имате 90 минути кои мора да ги одиграте со еднаков интензитет како што направивме против Барселона. Mора да ги имаме истиот мотив и интензитет“ – вели во пресрет на натпреварот, Флик.

Апетитите на Лион нормално се пораснати по елиминациите на гигатите како Јувентус и Манчестер Сити. Клубот се бори за првото европско финале. Ако направи подвиг ќе биде тоа историја и за клубот, но и за францускиот фудбал со оглед дека Пари Сен Жермен веќе е финалист.

„Имаме големи апетити и мислам дека можеме до финалето ако повторно прикажеме квалитетно издание. Секако дека зависи и од Баерн, но ние ќе се обидеме да ги наметнеме нашите квалитети. Мора да веруваме во себе“ – изјави тренерот на Лион, Руди Гарсија.

Баерн Минхен и Лион имаат осум меѓусебни средби, сите во Лигата на шампионите, четири победи имаат Германците, двапати славел Лион и две средби завршиле без победник.

 

 

 

Се вчитува...