Хаос пред стартот на ЛШ: Цел тим на Пик Сегед во карантин, кој ќе игра против ПСЖ

ЕХФ се соочува со огромен проблем на два дена пред стартот на сезоната во Лигата на Шампионите, откако денеска беше обелоденето дека цел тим на Пик Сегед е ставен во самоизолација откако се појавиле позитивни случаи на коронавирус во редовите на унгарскиот вицепрвак.  Идентитетот на заразените не се обелоденува во јавноста, но медиумите тврдат дека станува збор за повеќе од еден ракометар на тимот што го претставува унгарскиот ракомет во елитното европско натпреварување.

Честите тестирања пред средбите во унгарскиот шампионат ги донеле првите позитивни тестови, па така случаи на коронавирус има кај двата последни ривали на Пик Сегед, Чурго и Веспрем КФТ, како и во редовите на претставникот на Унгарија во ЛШ. Проблемот е во тоа што „сините“ в четврток треба да го пречекаат ПСЖ во првото коло од Лигата на Шампионите, дуел што беше најавуван како дерби на стартот од сезоната, a тренерот на унгарскиот гигант не може да го подготвува својот тим за оваа супер-пресметка.

Во текот на утрешниот ден врз ракометарите на Пик Сегед ќе бидат извршени нови тестови, по што ќе биде познато кој ќе може да настапи против ПСЖ, но јасно е дека шансите на „светците“ од Париз значително се зголемуваат по неочекуваните проблеми врз Унгарците.

Се вчитува...