Хаос во Барса: Гризман тргнал да се тепа со Меси, ќе добие „шут-карта“ од Бартомеу

Изненадувачка беше одлуката на Кике Сетиен да го остави Антоан Гризман на клупата за резерви на последниот дуел со Севилја, на кој Барселона со ремито од 0-0 ја загуби лидерската позиција во Примера Дивизион. Шпанските медиуми денеска обелоденуваат дека причина за ваквата одлука на тренерот била отворениот конфликт што Гризман го имал со првата „ѕвезда“ на тимот, Лионел Меси, со што Французинот речиси сигурно си потпишал и „црвен картон“ од клупската управа.

Според „Диарио Гол“, Гризман бил бесен што Меси не му додал ниту една топка за време на натпреварот против Леганес, а кога истото се повторило и за време на тренинг-натпреварот Французинот почнал да упатува навреди кон аргентинскиот ас. Вербалниот конфликт бил на работ на „експлозија“, а соиграчите и членовите на стручниот штаб реагирале да спречат и физичка пресметка меѓу голгетерите.

Дел од шпанските медиуми тврдат дека Меси намерно ја исценирал ситуацијата бидејќи бил свесен за нервозата на Гризман. Желба на Аргентинецот е клубот да го врати назад неговиот добар пријател Нејмар, а за тоа да се случи неопходно ќе биде Гризман да си ги спакува куферите и летово да си замине од „Камп Ноу“. Претседателот Бартомеу досега се однесувал заштитнички кон своето скапо засилување од минатата година, но по овој конфликт сега и нему му е јасно дека Гризман ќе мора што поскоро да си замине, за да не дојде до „војна“ и поделби во играчкиот кадар.

Како една од опциите се споменува и дека на Французинот ќе му биде дозволено да се врати во татковината, бидејќи ќе биде вклучен директно во понудата за Нејмар, со доплата од околу 40 милиони евра.

Се вчитува...