Хаос во Италија: Наполи доби забрана за патување во Торино

Ширењето на коронавирусот во неколку италијански прволигаши предизвикува огромен хаос во Калчо-лигата, откако вечерва беше обелоденето дека локалните власти му забраниле на Наполи да отпатува за Торино, каде утре требаше да го игра големото дерби против Јувентус. Причина – стравувањето од ширење на коронавирусот откако и во таборот на Наполи и во техничкиот персонал на Јуве денеска беа обелоденети нови случаи на Covid-19.

Медиумите од Неапол јавуваат дека локалните власти ја донеле оваа одлука, забранувајќи тимот да тргне на пат за Торино. Предвидено беше „наполитанците“ вечерва да патуваат, а утре во Торино да им бидат извршени нови тестови, но локалните власти стравуваат дека доколку Наполи го одигра мечот може да му се случи фијаско како она на Џенова, која по дуелот со „наполитанците“ минатиот викенд пријави 11 заболени фудбалери, бројка што до денеска порасна на 17 играчи позитивни на Covid-19.

Останува да се види како на целата ситуација ќе реагираат челниците на лигата, кои по фијаското со Џенова донесоа протокол за одигрување на натпревари сезонава, според кој секој тим што има 13 здрави фудбалери мора да ја игра закажаната средба, во спротивно ќе ја загуби со службен резултат. Сепак, во случајов на Наполи проблемот е забрана за патување од локалните власти, па интересно ќе биде да се види каква одлука ќе биде донесена доколку „наполитанците“ утре не се појават на теренот на „Алијанц Арена“ во Торино.

Се вчитува...