Хаос во Италија: Тренерот на Сасуоло не сака да му гостува на Милан

Англиските клубови први се повлекоа, Супер-лигата е стопирана, но бурата околу ова натпреварување продолжува во Италија, каде тренерот на Сасуоло, Роберто де Зерби, изјави дека не сака да му гостува на Милан, меч што треба да се игра денеска на „Сан Сиро“.

Тој смета дека „росонерите“ заедно со Интер и со Јувентус мораат да бидат казнети за sвоето однесување.

„Не сакам да бидам на клупата против Милан, но ако управата ме натера тогаш ќе бидам принуден. Толку сум лут, триесет минути зборував со фудбалерите, не можев да им објаснам. Во неделата беше извршен државен удар. Она што се случи за фудбалот е еднакво на државен удар. Ова веќе не е работа за плата, за тоа дали во моментов имаш ангажман или не. Ова е за сферата на вистински човечки вредности, за чувства, за фудбалски ривалства, за историјата на нашиот фудбал“, изјави Де Зерби.

Тој остро ги критикуваше сите 12 клубови кои сака да создадат нов поредок во европскиот фудбал,

„Излегоа на полноќ со својата веб-страница, како да ставаа знамиња на територија што ја одземале од некој друг. Тоа како на син на работник да му кажете дека никогаш нема да стане хирург или адвокат. Како на децата во школскиот двор да им ја земете топката и никогаш да не им ја вратите. Фудбалот има улога во општеството која е многу поразлична од сите останати спортови. Се жалат дека имаат долгови, па тогаш треба да си го постават прашањето дали знаат да ги водат своите клубови“, бесен беше стратегот на Сасуоло.

Се вчитува...