Хаос во кошарката – комесарот Цветковски поднесува оставка

Не минаа ниту 24 часа од беспрекорно организираниот Куп на Македонија, за веднаш да стигне потсетување на сивилото кое владее во мак-баскетот. Веќе в среда продолжуваат натпреварите од Супер-лигата, но останува да се види кој и како ќе го врши делегирањето по денешната информација дека Владимир Цветковски поднесува оставка од функцијата Комесар за натпреварување при МКФ.

Цветковски беше задолжен за раководење со лигата по доаѓањето на Петар Наумоски, откако претседателот ги одзеде ингеренциите за водење на шампионатот што претходно ги имаше Здружението за прволигаши. Тој и во минатото беше критикуван од дел од клубовите, но ситуацијата сега се влоши откако Работнички директно ги обвини него и највисокото раководство на федерациите за непочитување на одлуките на Управниот Одбор, околу дозвола во Супер-лигата да играат клубови кои се должници кон куќата на кошарката.

Во ситуација кога стигнуваат закани и за кривични пријави, Цветковски реши да се повлече од функцијата. Оставката во текот на денешниот ден ќе биде поднесена до МКФ, но останува да се види дали истата ќе биде експресно прифатена, или Комесарот ќе продолжи да ја извршува функцијата до следниот состанок на Управиот Одбор за таа да биде прифатена.

Се вчитува...