Хаос во Приморска: Доста лажете за инвеститори, ако пропаѓаме, излезете и кажете…

Целосен распад-систем владее во Приморска, овој тим го откажа учеството во Супер-купот на Словенија бидејќи нема доволно играчи во тимот, долговите од ланската сезона останаа неисплатени, а огромна е веројатноста дека во најскоро време ќе биде прогласен банкрот и клубот од Копер ќе исчезне од регионалната кошаркарска мапа.

Навивачите се бесни на раководството на клубот поради молкот што владее, па денеска со соопштение до јавноста ги повикаа челниците да соберат храброст и да ја кажат вистината за состојбата во клубот.

„Веќе не може да се игнорира повеќемесечното молчење од таканаречената канцеларија, која треба да се грижи за односите со јавноста и да обелодени во каква состојба се наоѓа клубот. Дадовме поддршка кога беше најтешко, а за возврат добивме тишина, тотален информативен мрак за она што се случува. Да не заборавиме, во тимот има 11 младински секции со среќни деца кои уживаат играјќи ја оваа игра. Имајте доблест па барем на родителите на тие деца одговорете им дали клубот ќе продолжи да постои или не. Чекаме италијански инвеститор, чекаме инвеститори од Кина… веќе никој не ви верува на лагите. Соберете храброст и свикајте прес-конференција за да кажете дали клубот навистина пропаѓа и ќе може ли да се натпреварува оваа сезона“, се вели во соопштението на навивачите на Приморска.

Се поизвесно е дека словенечкиот клуб ќе банкротира, а од тоа најголем профит ќе има МЗТ Скопје, кој ќе го заземе местото на Приморска во АБА-лигата.

Се вчитува...