Хасани: Респект за Тракаи, но ние сакаме европскиот пат да продолжи

Шкендија отпатува во Литванија на мегдан против Тракаи, во рамките во третото квалификациско коло од Лигата на Европа. Во пресрет на утрешниот меч, кој започнува во 18.30 часот, капитенот Ферхан Хасани верува дека македонскиот претставник е кадарен втора година по ред да стигне најмалку до плејоф колото во ова европско натпреварување.

„Имаме респект за Тракаи, тоа е тим кој успеа да стигне до ова трето коло и секако е можеби и досега најквалитетниот состав со кој ќе ги одмериме силите оваа сезона. Но, ние имаме наша цел, сакаме европскиот пат да продолжи и по оваа рунда, и ќе сториме се за да ја оствариме таа цел. Верувам дека на утрешниот натпревар ќе прикажеме квалитетна игра и ќе оствариме позитивен резултат, кој ќе не доближи до пласманот во следното коло“, истакна Ферхан Хасани.

Мечот меѓу Тракаи и Шкендија ќе се одигра утре, со почеток во 18.30 часот, на „ЛФФ “стадионот во Вилнус, а правдата ќе ја дели судиска четворка од Република Ирска, на чело со Нил Дојл.

Се вчитува...