Неизвесноста околу иднината на Бруно Гимараеш продолжува да биде една од главните теми во Њукасл. Иако клубот сака да го задржи својот капитен, менаџерот Еди Хау призна дека во моментов не може да гарантира дека бразилскиот репрезентативец ќе остане на „Сент Џејмс Парк“.
Во изминатите денови британските медиуми објавија дека Арсенал сериозно работи на трансферот на 27-годишниот играч за врска и дека веќе постигнал договор со фудбалерот околу личните услови. Сега се очекува „топчиите“ да испратат и подобрена понуда до Њукасл.
По пријателскиот натпревар против Гејтсхед, кој заврши без победник (1-1), Хау откри дека имал повеќе разговори со Гимараеш, но нагласи дека деталите ќе останат меѓу нив.
„Имав неколку навистина добри разговори со него пред Светското првенство, за време на турнирот и по неговото завршување. Она за што разговаравме треба да остане приватно. Бруно е фантастичен фудбалер и уште подобра личност“, изјави Хау.
Тренерот на Њукасл додаде дека не е директно вклучен во преговорите околу евентуален трансфер и дека конечната одлука ќе ја донесат клупските челници.
„Не знам што ќе се случи со иднината на Бруно. Тоа е прашање со кое се занимаваат други луѓе во клубот. Тоа не се разговори во кои јас учествувам“, додаде стратегот на Њукасл.
Гимараеш е еден од најважните играчи на англискиот клуб откако пристигна од Лион и прерасна во лидер на тимот. Токму затоа евентуалното заминување би претставувало голем удар за Њукасл, додека Арсенал во него гледа идеално засилување за средниот ред во пресрет на новата сезона.
Во наредните денови се очекува да биде појасно дали „топчиите“ ќе успеат да го убедат Њукасл да се раздели со својот капитен или бразилскиот репрезентативец ќе остане клучен дел од тимот на Еди Хау.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
