Хаверц го одби Ливерпул, има само една желба

Каи Хаверц ќе биде еден од најпосакуваните фудбалери во летниот преоден рок, откако германскиот репрезентативец на 20-годишна возраст веќе има над 100 професионални натпревари и 30 постигнати погодоци. Тренерот на Баер Леверкузен, Петер Бош, сезонава го користеше Хаверц на неколку различни позиции, но овој фудбалер секогаш одлично се снаоѓа, па зад своето име веќе има десет гола и осум асистенции во Бундес-лигата, настапувајќи како плејмејкер, последен играч за врска, полушпиц и десно крило.

Јирген Клоп неслучајно тргна во офанзива по својот сонародник, но стратегот на Ливерпул веднаш наиде на непријатно изненадување – откако експресно беше одбиен од самиот фудбалер. Имено, Хаверц се заблагодарил на интересот, но му ставил до знаење на Клоп дека засега не размислува за заминување од Германија, а доколку побара нов предизвик во кариерата, тоа сигурно ќе биде Баерн Минхен.

Баварскиот гигант веќе искажа интерес за суперталентираниот „фармацевт“, па се очекува во текот на летото преговорите да се интензивираат. Баер бара 100 милиони евра за Хаверц, сума што би претставувала апсолутен рекорд во Бундес-лигата. Баерн најавува сериозни засилувања за летниот преоден рок, а јасно е дека Каи Хаверц е еден од оние кои се на врвот од листата со желби на директорот Салихамиџиќ.

Се вчитува...