Хендикеп за „лавовите“: Разделба со првиот голман Боби Целески

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Боби Целески се одлучи договорно да ја прекине соработката со Македонија ЃП во желбата за нов предизвик во својата кариера.

„Лавовите“ на две недели пред почетокот на прволигашката сезона останаа без еден од најзаслужните за пласманот во елитното друштво. 21-годишниот голман зад себе имаше одлична сезона водејќи ги ѓорчепетровци кон првото место во Втората лига и пласманот во Првата македонската фудбалска лига.

Целески, кој ги мина и сите младински селекции на Македонија, претходно во својата кариера има настапи и за Младост ЦД, како и за италијанскиот Гросето.

Наредниов период се очекува обелоденување на неговата следна фудбалска дестинација. Постои можност за продолжување на кариерата во странство, иако отворени и се две понуди од два домашни прволигаши.

Се вчитува...