Хенес остро против каталонците: Да беше во Германија, Барселона веќе ќе беше под стечај

Мега-пресметката меѓу Барселона и Баерн Минхен е во центарот на вниманието на фудбалска Европа, а Ули Хенес го искористи моментот за жестоко да го нападне работењето на управата на каталонскиот гигант.

Барселона е во долгови од над една милијарда евра, што придонесе каталонскиот гигант да не може да го задржи Лионел Меси, но и да го испрати Антоан Гризман на позајмица во Атлетико вто последниот ден од преодниот рок. Ставот на Хенес е дециден – каталонците треба да се среќни што не се дел од Германија бидејќи ако тоа беше случај, клубот веќе ќе беше под стечај.

„Во Барса нека се среќни, ако овој клуб беше во Германија веќе ќе се најдеше под стечај. Тој клуб е целосно „шворц“ и не смее да биде пример никому. Се сеќавам кога Давид Алаба ми пријде и ми кажа дека би сакал да игра за Барселона. Јас го прашав со кого ќе преговара, со претседателот или со стечајниот управник, уште тогаш, пред неколку години се знаеше дека се во крајно лоша финансиска состојба. А дури и тогаш носеа скапи играчи и даваа огромни плати. И јас сум за тоа да се оди до лимитот на финансиските можности, но само додека постои покритие. После тоа, треба да се каже дека е доста и дека стабилноста на клубот е поважна од имињата кои играат во моментот“, изјави Хенес.

Тој се осврна и на мегатрансферите на Лео Меси и на Серхио Рамос во редовите на ПСЖ, играчи кои пристигнаа без отштета, но со огромни плати на „Паркот на принцовите“.

„Тоа се фудбалери кои никогаш веќе нема да бидат на она старо ниво кога доминираа на терените низ Шпанија. Фудбалот ќе почне одново да се развива по ерата на Меси, Роналдо и Рамос…. ќе се создаваат нови асови. Баерн повторно ќе биде силен и во таа нова ера, со истата филозофија, без претерано трошење на нереални суми“, прокоментира поранешниот директор на Баерн Минхен.

Се вчитува...