Херојот на МЗТ Скопје скромно: Го искористивме уморот на противникот на крајот на мечот

МЗТ Скопје е на чекор да стигне до осмата титула на домашната сцена откако аеродромци со „брејк“ во Гевгелија стигнаа до 2-0 во серијата против Еуро Никел. „Штрковите“ повторно потфрлија на отварањето на средбата од одбраната, во првата четвртина примија 30 поени, но навремено ги консолидираа своите редови и до крајот на полувремето се вратија целосено во игра.

Натпреварот продолжи во изедначено темпо и до самиот крај, а херој за „сино-белите“ беше Андреј Магдевски кој во последните три и пол минути од средбата блесна на паркетот и со девет поени до финишот го предводеше својот тим до победа. Репрезентативниот бек мечот го заврши со 20 поени, 5 скока, 5 асистенции и 5 украдени топки.

„Очекувано тежок натпревар. Имавме огромен проблем во одбраната во играта „два на два“ и таму противникот секоја грешка ја казни. На крајот имавме повеќе енергија и го искористивме нивниот умор за резултатот да оди во наша корист. Немаме време за славје, мора да ги искористиме овие два дена за одмор и рекуперација за во недела да го одбраниме домашниот терен и да ја оствариме нашата цел“, изјави за ЕКИПА, Андреј Магдевски.

Се вчитува...