Херојот Облак: На среќа одбранив два пенала

Јан Облак ја имаше улогата на херој во пенал-рулетот меѓу Атлетико Мадрид и Интер, во кој словенечкиот голман блесна и го одведе шпанскиот тим во четвртфиналето од Лигата на Шампионите.

Скромен како и секогаш, Облак потенцираше дека среќата била главен фактор за тој да ги запре ударите на Алексис Санчез и на Класен во драматичната завршница на „Ванда Метрополитано“.

„Секогаш го велам истото – кога се бранат пенали мора да имате и среќа. Најпрвин на среќа да ја погодите страната на која ќе шутира, а потоа и да имате среќа да можете да го запрете ударот, бидејќи ако шутот е совршен тоа не се брани. Ако сте во ситуација да ви се исполнат претходните две работи, тогаш треба да имате квалитет за да го одбраните пеналот. Јас денеска имав среќа да ми се поклопат работите, па одбранив два пенала. Сепак, не сум важен јас, туку тимот, покажавме дека можеме да играме одличен фудбал против исклучително силен противник. Атмосферата на стадионот беше неверојатна, среќен сум што им донесовме радост на нашите навивачи. Се надевам дека нема да застанеме во четвртфиналето“, изјави Јан Облак.

Се вчитува...