Химки не се предава, ЦСКА ќе почека за фајналфор

Ниту ЦСКА Москва не успеа со „метла“ да обезбеди учество на фајналфор турнирот во Белград откако избраниците на Итудис вечерва загубија на гостувањето на руското дерби против Химки со резултат 79-73. По двете победи во Москва кошаркарите на ЦСКА имаа можност експресно да стигнат до виза за Ф4 во Белград, но не успеаја да врзат и трет триумф по ред против незгодниот ривал.

Отсуството на Нандо де Коло овојпат се покажа како значаен фактор, особено откако Серхио Родригез не успеа да одигра на нивото од вториот меч во Москва. Натпреварот беше израмнет, за Химки да го контролира резултатот во последната четвртина. Родригез погоди тројка за 76-73 во последната миунта, по што Џенкинс погоди едно од двете слободни фрлања, ставајќи печат на победата на својот тим.

Алексеј Швед со 27 поени беше најдобар стрелец кај Химки, а одличен настап имаше и Гил, реализирајќи 22 поени. Најрасположен за игра кај ЦСКА Москва беше Кори Хигинс со 26 поени, сепак премалку за да се стигне до победа што ќе значеше пласман на фајналфор турнирот во Белград.

Се вчитува...