Химната на ракометното СП ќе ја пее – Доминик Клајн

Германија и Данска ќе бидат заеднички домаќини на претстојното Светско ракометно првенство во јануари, а заедничка германско-данска соработка има и во создавањето на официјалната песна на шампионатот. Автор на песната е данскиот Ди-Џеј Конгстед, а химната ќе ја пее младиот германски уметник кој има исто име како прославениот германски репрезентативец, Доминик Клајн.

Ракометниот Доминик Клајн минатата сезона ја заврши играчката кариера во тимот на Нант и сега работи како телевизиски коментатор. А, музичарот Доминик Клајн е на почетокот на својата музичка кариера и важи за еден од најголемите таленти на музичката сцена.

„За мене е навистрина неверојатно што ќе бидам дел од нешто толку големо како дел од најголемата светска спортска сцена. Музиката на различни начини ги поврзува луѓето. А на шампионатот ние ќе го славиме спортот, талентот, напорната работа, достигнувањаат и секако, поддршката од навивачите. За полни арени и за најдобриот ракомет во светот, треба песна што ќе предизвикува возбуда и забава“ – вели младиот германски музичар.

Доминик Клајн и Конгстед, песната на шампионатот премиерно ќе ја изведат на официјалното отворање на СП на 10 јануари во Мерцедес-Бенц Арена во Берлин.

СП во Германија и Данска ќе се игра од 10 до 27 јануари 2019 година. Македонската репрезентација во прелиминарната фаза ќе игра во групата Б во Минхен заедно со селекциите на Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин.

Се вчитува...