Холандија пресилна за македонските јуниори

Македонската репрезентација за играчи до 18 години претрпе убедлив пораз од Холандија (62-84), во второто коло од Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје. Ако синоќа против Исланд и со слаба игра можевме да стигнеме до триумф, овојпат тоа не беше случај поради квалитетот на противникот, кој целосно доминираше и ја оправда фаворитската улога на патот до својот прв триумф на шампионатот (по синоќешниот пораз од Израел).

Уште од самиот почеток стана јасно како ќе се одвиваат работите на оваа средба, откако Холандија за три минути поведе со 10-2, а нешто подоцна „лалињата“ имаа и двоцифрена предност. Во израмнета игра мина втората четвртина, за Холанѓаните сепак во финишот да додадат гас, па со тројка во последната секунда да стигнат до „плус 15“ (28-43). „Лалињата“ синоќа во второто полувреме прокоцкаа победа против Израел, но овојпат не ја повторија грешката, дополнително ја зголемија својата предност, се до конечните 62-84.

Андреј Јакимовски со 17 поени беше прв стрелец на Македонија, а двоцифрен ефект имаше само уште Каркури, реализирајќи десет поени.

Македонија утре во рамките од третото коло ќе се сретне со Луксембург, меч што исто така ќе стартува во 18.45 часот во СРЦ „Кале“.

Се вчитува...