Хорват: Металург може да ги замрси сметките на Вардар и на Пелистер

Златко Хорват без конкуренција е најголемото засилување на Металург за наредната сезона, откако долгогодишниот капитен на Загреб реши да го напушти хрватскиот гигант и да се пресели во редовите на поранешниот шампион на Македонија. Крилниот ракометар делува максимално мотивирано со новиот клуб да го продолжи она што му беше навика во дресот на Загреб – освојување на трофеи.

„Првите впечатоци се максимално позитивни, мило ми е што дојдов во Металург и се уште сум убеден дека го направив вистинскиот избор. Не сме долго заедно за да дадам конкретни коментари, но првиот впечаток е одличен. Мислам дека е составен квалитетен тим, Металург одлично се засили и верувам дека може да ги замрси сметките на Вардар и на Пелистер. Ќе биде тешко, македонското првенство стана едно од поинтересните во Европа и ќе биде возбудливо да се следи и да се биде дел од него“, истакнува Хорват за ЕКИПА.

Металург денеска ја доби екипата на Спачва од Хрватска за ривал во првото квалификациско коло од Лигата на Европа, но Хорват предупредува дека противникот никако не смее да биде потценет.

„Оваа година со Загреб не игравме со Спачва поради коронавирусот, лани се сретнавме со овој ривал. Не знам точно колку е променет играчкиот кадар, но знам дека станува збор за добра екипа што прикажуваше одлични партии во хрвтското првенство. Мораме добро да се подготвиме за тие средби, верувам дека сме поквалитетни, но не смееме да ги потцениме и да си дозволиме „кикс“. Квалитетот е на наша страна, но фаворитската улога мора да се оправда на терен“, порачува Златко Хорват.

Се вчитува...