Хрватска е хит на ЕП – совладана и Србија на „екс-ју“ дербито

Хрватска продолжува со извонредни настапи на ЕП во ракомет за жени, откако во третото коло „коцкестите“ ја забележаа и третата победа (над Србија со 25-24), па како првопласирани обезбедија учество во следната фаза од шампионатот што се одржува во Данска.

Денешната екс-ју пресметка мина во крајно израмнета битка, Хрватска се врати од „минус четири“ пред крајот на полувремето и на одмор се замина со резултат 14-14. Пресудна беше извонредната игра на „коцкестите“ во одбраната, Србија од 45. до 57. минута не постигна ниту еден гол, по што Хрватките го презедоа водството. Србинките имаа напад за изрманување, но Дебелиќ им ја украде топката во последните секунди, за трета победа во низа на Хрватска во групната фаза, по оние над Унгарија и над Холандија во претходните две кола.

Во вториот натпревар Црна Гора славеше над Словенија со 26-25, успевајќи да го продолжи настапот на шампионатот. Црногорките беа многу подобри во првото полувреме, во вториот дел имаа и 23-15, но потоа неочекувано им дозволија на противничките да се вратат. Словенија се приближи на 25-24, но Итана Грбиќ го постигна клучниот гол со кој Црногорките ја осигураа победата. Јованка Радичевиќ со девет погодоци беше најзаслужна за овој триумф на својата селекција.

Се вчитува...