Хрватска и без пола тим ја совлада Чешка

Хрватска во шестиот натпревар на ЕП 2020 ја забележа и шестата победа, откако денеска во Виена славеше над Чешка со минимални 22-21. Свесен дека клучен за првото место во групата ќе биде следниот меч со Шпанија, Лино Червар реши денеска да одмори голем дел од стартерите како Шего, Циндриќ, Карачиќ, Хорват, Дувњак… но и без овие играчи успеа да стигне до триумф. Чесите добро се држеа, а на крајот пресуди голот на Лука Степанчиќ постигнат на само неколку секунди до крајот на мечот.

Првото полувреме донесе израмнета игра, а Чесите благодарение на голманот Мрква имаа предност се до 17. минута (7-8). Тогаш на спротивната страна во ритам влезе хрватскиот голман Ашанин, па „коцкестите“ направија пресврт и на одмор заминаа со предност од 11-9. Чешка беше без постигнат гол во првите шест минути од второто полувреме, период во кој Хрватска поведе со 13-9. Ривалот на Македонија од првата фаза сепак успеа да се врати и се приближи на само еден гол негатива (13-12), а во 44. минута Ашанин спречи израмнување бранејќи му пенал на Здрахала.

Неколку минути подоцна Чесите стигнаа до 16-16, извесен период се играше „гол за гол“, но Хрватска и без најдобрите ракометари во составот повторно успеа да се одлепи, пред се благодарение на извонредниот Ашанин на голот. Неизвесноста продолжи до самиот крај, Чешка се врати од „минус два“ и израмни на 21-21 на половина минути до крајот. Червар во последниот напад тргна „седум на шест“, а Степанчиќ умешно реализираше, за конечна победа на Хрватска од 22-21.

Марко Мамиќ со пет гола беше најефикасен во таборот на Хрватска, додека најдобар стрелец на натпреварот беше Чехот Здрахала со седум погодоци.

Се вчитува...