Хрватска ја растури и Романија, Црногорките не можеа против Русија

Хрватска ја продолжи импресивната серија игри на ЕП за ракомет за жени триумфирајќи со убедливи 25-20 над Романија, за уште еден огромен чекор на „коцкестите“ кон полуфиналето од овој европски шампионат. Романките одлично стартуваа и благодарение на голманката Деду поведоа со 4-8, но потоа на сцена стапи одличната хрватска одбрана. „Коцкестите“ постигнаа седум гола во низа, поведоа со 11-8 и на одмор заминаа со 14-10.

Романките се обидоа да се вратат, но Хрватска имаше одговор за нивниот последен налет, за четврта победа во низа со што оваа селекција е најпријатно изненадување на досегашаниот дел од шампионатот. Блажевиќ со седум гола беше најефикасна кај победничката селекција, голманката Пијевиќ имаше девет интервенции, додека кај Романија најдобра поединка беше Неагу со шест погодоци.

Русија останува перфектна во другата група по победата од 24-23 над Црна Гора. „Зборнаја“ важеше за огромен фаворит, Црногорките изненадија со голем отпор, но руските ракометарки на крајот сепак успеаја да стигнат до победата.

Се вчитува...