Хрватски тренер им објасни на Шпанците: Во војна живеевме во подруми, самоизолацијава е смешка

Хрватскиот ракометен тренер Саша Јовиќ експресно стана популарен во Шпанија каде што работи во женски ракометен клуб откако неговата порака од социјалните мрежи ја пренесоа влијателните весници „Марка“ и „Ас“. Јовиќ се обиде на Шпанците да им објасни дека има многу пострашни работи од седењето дома како заштита од ширењето на коронавирусот. Го искористи неговиот личен пример од војната во Хрватска и ситуацијата во Вуковар.

„Година 1991, мало место во Хрватска. Поминавме месеци во подрум. Без прозорци, без ТВ, без Нетфликс и без Плејстејшн. Без можност за излегување на улица. Ако излезеш може да ти падне бомба или да те достигне залутан куршум. Овие 14 дена или нешто повеќе се смешни. Останете дома“ – напиша Јовиќ кој е тренер на женскиот тим, Хандбол Апоста.

Вчера шпанскиот премиер Педро Санчез ја продолжи вонредната состојба во државата за дополнителни 14 дена или до 11. април. Во Шпанија само во текот на вчерашниот ден беа пријавени нови 3.500 новозаболени со што вкупната бројка драматично се приближува до психолошката граница од 30.000 заразени од коронавирусот. Вкупната бројка на починати во Шпанија е 1.720. Во еден ден животите ги загубија 394 луѓе.

 

 

 

 

Се вчитува...