Хрватскиот Богдановиќ подобар од српскиот во НБА-пресметката, сензација на Оклахома против ЛА Лејкерс (ВИДЕО)

Јута убедливо славеше на гостувањето против Атланта со 116-98 во еден од синоќешните пет натпревари во НБА лигата.

Во дуелот на хрватскиот и српскиот Богдановиќ, поуспешен беше хрватскиот Бојан кој за 31 минута запиша 23 поени, дополнети и со пет скока и две асистенции. Богдан Богдановиќ, пак, играше со повреден глужд. Беше под знак прашалник за натпреварот, па дури по загревањето беше одлучено да игра притоа завршувајќи го мечот со само осум поени, пет скока и две асистенции.

Јута со седум победи и само еден пораз во моментот е најдобар тим во НБА-лигата, додека Атланта која беше финалист на Истокот минатата сезона сега е со само четири победи и пет порази.

Сензацијата на вечерта е Оклахома која славеше против ЛА Лејкерс со 107-104. Александер со 28 поени водеше до победата. Леброн Џејмс не играше за Лејкерс, но Ентони Дејвис постигна 29 поени дополнети и со 18 скока, Расел Вестбрук дополни со 27 поени а Кармело Ентони – 21 поен. Сепак, ниту учинокот на тројцата не беше доволен за победа. За Оклахома ова е само втора победа сезонава.

Бостон го изненади Мајами на гостински терен нанесувајќи му го самиот вториот пораз сезонава, со 95-78. Филаделфија, пак, славеше на гости против Детроит со 98-109, а Феникс пред своите навивачи го совлада Хјустон со 123-111.

Се вчитува...