Хрватските клубови ја напуштаат АБА? Раџа: Во 20 години не добивме ништо, лигата служи како полигон на Србите

Хрватските кошаркарски клубови од следната сезона може да ја прекинат соработката со АБА. Имено, Хрватите не гледаат полза од учеството во најсилното регионално натпреварување па погледот ќе насочат кон натпреварувањата на ФИБА и Алпе Адриа Купот каде се натпреваруваат клубови од Австрија, Чешка, Полска, Словачка и Словенија.

Говорејќи за хрватските медиуми, легедната на хрватската кошарка, Дино Раџа кој сега ја врши функцијата на претседател на стручниот совет во федерацијата изјави дека тамошната кошарка не добила ништо од АБА и истата само служи на српските клубови.

„Ништо немаме одлучено, туку во вторник на состанок им беше понудено на клубовите опција за настап на Лигата на Шампионите, Еврокупот и Алпе Адриа Клупот и сите финансии ќе им бидат подмирени. Сега сами одлучуваат, имаат рок од седум дена за тоа. Следниот вторник ќе знаеме повеќе. Доколку прифатат од следната сезона нема да можат да играат АБА. Едноставно распоредот не го дозволува тоа. Но, ние мислиме дека тоа би било одлично за хрватската кошарка. Што ни донесе АБА во последните 20 години? Ништо. Животариме, постојано се бориме за опстанок, а таа лига се претвори во полигон на Црвена Звезда и Партизан за доведување на странци. Се чудиме зошто не победуваат Романија и Полска. Ете, ајде нешто да промениме па да видиме како тие работат и какви им се клубовите“, вели Раџа.

Ова не е прв пат Хрватите да сакаат да го напуштат најсилното регионално првенство. Идејата постои во хрватската кошарка веќе години наназад, а дали овој пат навистина ќе се одлучат за потегот и што истото ќе донесе за мак-баскетот останува да видиме во следниот период. Како потсетување, МЗТ Скопје по неколкугодишна пауза од следната сезона повторно ќе биде дел од „кремот на Јадранот“.

Се вчитува...