Крај на сагата: Кутињо на „Камп ноу“, за Ливерпул 160 милиони евра

Веќе нема никакви дилеми, Филипе Кутињо ја продолжува својата кариера во Барселона откако шестмесечните преговори конечно вродија со плод, па Ливерпул денеска ја прифати понудата на каталонскиот гигант. Како што јавуваат британските и шпанските медиуми, клубот од „Енфилд“ ќе заработи 160 милиони евра од продажбата на својот најдобар фудбалер, од кои 120 со самиот трансфер, а 40 милиони евра распоредени преку неколку клаузули.

Бразилецот воопшто не отпатува со остатокот од тимот на Ливерпул на тренинг-камп во Абу Даби, па според информациите од Шпанија тој уште вечерва би допатувал во Барселона, а утре би бил специјален гостин на дуелот меѓу Барса и Леванте на „Камп ноу“. По минувањето на лекарските прегледи, Кутињо ќе потпише со Барселона на четири и пол сезони, за плата од 14 милиони евра годишно.

Ливерпул ќе настојува што поскоро да доведе адекватна замена за бразилскиот генијалец, на врвот од листата со желби на Јирген Клоп се наоѓа Ријад Махрез од Лестер, а како дополнителни опции се споменуваат Томас Лемар од Монако и Желсон Мартинс од Спортинг Лисабон.

Едно е јасно, со Кутињо Барселона добива извонредно засилување, но и конечно завршува сагата што почна уште од летниот преоден рок.

Се вчитува...