Хуман гест на Исланѓаните на СП во Русија

Репрезентацијата на Исланд е една од најомилените на Светското фудбалско првенство. Исланд со своите 350.000 жители на фудбалскиот Мундијал е во улога на Давид против Голијат, но островската репрезентација собра симпатиите низ целиот свет.

Исландската репрезентација стана позната по навивачите и нивното „Хууу“, по храбрата игра против Аргентина на стартот од СП, но и по големата хуманост на фудбалерите.

По ремито со актуелниот вицешампион Аргентина, Исланѓаните не славеа многу. Напротив, во еден од најголемите подвизи на нивната репрезентација, тие направија убав потег и се сетија на некој што не е тука, а во Русија би им бил голем ривал – на нигерискиот голман, Карл Икеме.

На Икеме пред една година му беше дијагностицирана акутна леукемија. Наместо за слава на Мундијалот, нигерискиот голман сега се бори за својот живот. И во таа битка, поддршка му дадоа исландските фудбалери.

„Сите сме со тебе Карл Икеме“  напиша на социјалните мрежи Јин Дади Бодварсон на фотографијата на која репрезентативците на Исланд се сликани со дресот на Икеме.

Нигериецот трогнат од ваквиот потег, ја сподели нивната објава, а Исланѓаните со овој потег добија уште повеќе симпатии во фудбалскиот свет.

Се вчитува...