Хуманоста на дело: Зидан донираше два милиони евра за најпогодените од пожарите во Алжир

Еден од најголемите фудбалски легенди на сите времиња, Зинедин Зидан (49) уште еднаш ја покажа хуманоста на дело, откако донираше два милиони евра преку својата хуманитарна фондација во Алжир, каде беснеат пожари кои одземаа голем број на човечки животи.

Зизу е роден во Марсеј, но по потекло е Алжирец и по мајка и по татко, а со оваа донација покажа голема солидарност со своите сонародници.

Поранешниот француски репрезентативец кој има европска и светска титула, а доскорешен кормилар на Реал Мадрид со кој има три титули европски првак ги донирал парите за најзагрозените од пожарите што беснеат во неговата родна земја, каде е прогласена тродневна жалост поради бројните човечки жртви од огнената стихија која беснее во изминатите три дена.

Во Алжир, на северот од Африка, беснеат големи пожари кои досега одземаа 70 животи од кои 30 на војници што учествувале во гаснењето на пожарите. Најпогоден е северниот дел од Алжир во регионот Кабил, од каде и потекнуваат родителите на Зидан.

Во средата во Алжир одеднаш избувнале дури 69 пожари кои брзо се шират поради топлото време и силниот ветер, а поради неможноста на земјата да се справи со сите пожари, веќе оваа африканска држава побарала помош од низа европски земји да испратат канадери за поефикасна борба со огнената стихија.

Се вчитува...