Хувентуд потпиша со Томиќ, неизвесна судбината на Ненад Димитријевиќ

Шпанскиот прволигаш Хувентуд продолжи со ангажман на квалитетни засилувања откако го донесе и вториот кошаркар од Барселона. По шпанскиот репрезентативец Пау Рибас, од денеска нов член на Хувентуд е и хрватскиот центар Анте Томиќ, кој се сели во Бадалона по осум години минати во дресот на каталонскиот гигант.

По објавата дека си заминува од Барса, Хрватот доби неколку понуди од Евролигата, но сепак реши да ги одбие и да остане во Бадалона, потпишувајќи договор на две години со Хувентуд, тим со кој ќе се натпреврува во Еврокупот.

Останува неизвесно дали друштво на Томиќ во следната сезона ќе му прави македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, чија иднина во Хувентуд е доведена во прашање бидејќи влегува во последната година од договорот, нема намера да ја продолжи соработката со овој тим, a летово интензивно трага по нов ангажман. Валенсија беше сериозно заинтересирана, но шпанскиот клуб во меѓувреме потпиша нов договор со Ван Росом и го донесе плејмејкерот на Алба, Мартин Хермансон.

Како опција се споменуваше и потпис со Валенсија, па враќање на едногодишна позајмица во Хувентуд, но јасен знак дека во Бадалона не се смета сериозно на Македонецот за следната сезона е што веќе беа потпишани Рибас и Басас за плејмејкерската позиција, а тука е и летонскиот тинејџер Загарс, кој ланската сезона ја делеше минутажата со Димитријевиќ.

Се вчитува...