Хувентуд води инает, Димитријевиќ доаѓа последен на подготовки

Ненад Димитријевиќ ќе ги пропушти првите денови од подготовките на македонската репрезентација за стартот на квалификациите за Евробаскет 2021 откако неговиот тим Хувентуд одбил да ги ослободи кошаркарите кои настапуваат за своите репрезентации пред терминот одреден од ФИБА. Куќата на кошарката налага играчите да бидат ослободени најдоцна 72 часа пред денот на одигрување на натпреварот, но селекторот Тодоров и челниците на КФСМ се надеваа дека ќе успеат да го доведат Димитријевиќ веќе в среда, за да ги мине целите подготовки во пресрет на дуелот со Естонија.

Сепак, сметките се замрсија по вчерашниот неочекуван пораз на Хувентуд на домашен терен од Фуенлабрада, со што тимот од Бадалона си ги сведе на теорија шансите за пласман во плејофот. Како казна за кошаркарите, управата решила сите кошаркари да продолжат со тренинзи во Бадалона иако следниот натпревар тимот го има дури за две седмици.

Ставот на Хувентуд е играчите кои се репрезентативци да се приклучат на своите национални селекции на 16 февруари, што сериозно го нарушува планот на подготовки на селекторот Тодоров. Новиот предводник на националниот тим не крие дека во Димитријевиќ гледа како на еден од главните играчи во репрезентацијата, а постои сериозен ризик лимитирањето на бројот на тренинзи на интернационалецот со остатокот од националниот тим да се одрази  врз неговиот настап.

Македонската репрезентација првиот собир ќе го има в среда навечер, а од четврток ќе се стартува со тренинзи. За недела е закажан единствениот контролен натпревар во кој нашите кошаркари за „спаринг-партнер“ ќе го имаат прволигашот Гостивар.

Се вчитува...