И Бобан Бабунски прозиваше: Главно деца и три нови имиња (ФОТО)

По Шкендија и Работнички, и Вардар попладнево во својата тренинг база ги стартуваше летните подготовки за новата сезона. Шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски ја реализираше првата прозивка пред активните тренинзи кои ќе бидат во насока на што подобра подготовка за настапите во квалификациите од Лигата на Европа.

На првиот собир Бабунски главно прозиваше помлади фудбалери, со неколку првотимци од минатата сезона, Гачевски, Барсегјан, Максимов, Попов, Алексовски, Попзлатанов…, како и претходно најавените три нови имиња, Филип Најдовски од Победа, Дарко Мицевски и Бразилецот Виктор Јуфо, поранешен фудбалер на Шкендија, кој се уште го чека официјалниот договор со „црвено-црните“.

Вардар на крајот од сезонава се одлучи да се ослободи од искусните Бобан Грнчаров, Дејан Блажевски, Никола Глигоров, Хофханес Хамбарџумјан, Дарко Глишиќ, Аце Стојков…, а клубот како слободен фудбалер го напушти и Дарко Велковски кој потпиша за Ријека. Претходно од црвено-црните редови си заминаа и Хуан Фелипе, Стефан Спировски, Бобан Николов.

„Вардарци“ до среда ќе работат во Скопје, а во четврток експедицијата на „црвено-црните“ заминува во Словенија. Во Словенија се останува до 1. јули, каде ќе бидат одиграни седум контролни натпревари против Шампион Целје (17.06), Домжале (20.06), Марибор (21.06), Оренбург (25.06), Балзан (26.06), Херманштад (29.06) и Целје (30.06). 

Се вчитува...