И ДЕФИНИТИВНО: Самсоненко заминува од Вардар, Град Скопје го презема од јануари 2019!

Русинот Сергеј Самсоненко нема финансиска моќ да го води најтрофејниот македонски клуб. Тоа што се навестуваше уште од минатата година кога стартуваа големите финансиски проблеми на „црвено-црните“, се дополнуваше со во неколку наврати алиби-најавите на рускиот газда дека ќе се оди од клубот, па потоа се „пишманеше“, сега и дефинитивно извесно по денешната средба на претставници од раководството на ФК Вардар и Град Скопје.

Сергеј Самсоненко и дефинитивно го остава Вардар, враќајќи го повторно на Град Скопје од кого го доби во јануари 2014 година. Ова е информацијата која денеска, како што дознаваме, им е сервирана и на претставниците на Град Скопје. Комплетната нова промена на сопственичката структура треба да се реализира во јануари 2019 година кога и дефинитивно Самсоненко ќе се повлече од клубот.

До тогаш, Русинот мора да си ги подмири сите долгови кон фудбалерите, стручниот штаб но и кон доверители на ФК Вардар поради што деновиве наводно е блокирана и сметката на најтрофејниот македонски клуб. Согласно шпекулациите, Самсоненко за активностите на Вардар должи некаде околу 2 милиони евра.

Град Скопје, како што го информирале и Самсоненко, сака да го добие назад ФК Вардар со чиста сметка како и што беше предаден во 2014 година, а согласно меѓусебниот договор. До тогаш, пак, од Град Скопје при носењето на буџетот за 2019 година ќе треба, според најавите, да издвојат и 1,5 милион евра за функционирање следната година на ФК Вардар. При промената во јануари следната година ќе следи и комплетна промена на сите раководни лица во клубот.

Информацијата за заминувањето на Самсоненко, како што дознаваме, по средбата со претставниците на Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов, им е пренесена и на вработените во ФК Вардар.

Активностите на клубот наредните месеци, се до Нова Година, и натаму ќе ги водат актуелните челници. Тимот, во овој преоден период за ФК Вардар до комплетната нова трансформација, ќе остане на актуелното ниво, со тоа што сега, согласно новонастанатата ситуација, ќе биде предводен од Александар Васоски во новата натпреварувачка сезона. Претходно се најавуваше можност за ангажман на нов тренер од Украина, откако отпадна Ѓоко Хаџиевски од комбинација, но и тоа сега е неизвесно.

Од раководните позиции, пак, се очекува заминување на Дарко Панчев и Илија Најдоски кои од претходно искажуваат отворен револт поради сите случувања во клубот во текот на оваа 2018 година.

Се вчитува...