И Елмас потресен од смртта на Панчо – Емотивно збогум од својот „постар брат“ (ФОТО)

И спортска Македонија е силно потресена од денешната смрт на Владимир Блажев-Панчо, еден од фронтмените на групата „ДНК“, кој настрада во големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.

Силно потресен од информацијата за смртта на Панчо, кој седум месеци се бореше на домашните клиники за својот живот – но на крај не издржа, е и еден од најдобрите македонски фудбалери Елиф Елмас кој беше голем пријател со членовите на ДНК.

Па, Елмас на социјалните мрежи се збогуваше, како што напиша, со својот пријател и постар брат…, објавувајќи фотографија од нив двајцата со медалот добиен на Елмас по освоената титула во Серија А, со Наполи.

Владимир Блажев-Панчо беше голем вљубеник во спортот, често вклучувајќи се и во бројни акции за поддршка на спортски колективи, но и хуманитарни акции за поддршка на финансиски ранливи семејства.

Популарниот Панчо присуствуваше и на последниот домашен натпревар на Наполи во сезоната 2022/2023 кога ја освоија третата шампионска титула во историјата.

Во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица, а 200 беа повредени. Меѓу загинатите се повеќето членови на ДНК: пејачот Андреј Ѓорѓиески, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, придружниот вокал Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски, инаку директор на Центарот за култура во Штип и Мартин Атанасовски, кој настапуваше со бендот како битбоксер.

Се вчитува...