Матијас Гидсел делува незапирливо на теренот, данскиот ас освои се што можеше да се освои на ракометната сцена, па затоа шокантно делува неговото признание дека и самиот се соочил со сериозна депресија со која за среќа на крајот успеал да се избори.
За потсетување, легендарниот Микел Хансен пред крајот на кариерата зеде одмор на неодредено време поради проблеми со депресијата, а сега на истата тема говореше и најдобриот ракометар на денешницата.
Гидсел обелодении дека главните проблеми ги почувствувал по блесокот на големата сцена на СП во Египет во 2021, кога Данска стигна до титулата.
„Половина нација беше пред телевизорот, сите ја знаеја мојата приказна, очекуваа нешто од мене, а јас на сите им одговарав: ДА. Требаше да биде најубав дел од мојот живот, но во еден момент почувствував дека сум скршен. Почнував да си легнувам во седум навечер, да седам сам во мојот стан и да плачам. Стана јасно дека имам проблем, првите два месеци мислев дека самиот можам се да решам, но за среќа на крајот ги прифатив советите, побарав стручна помош… До ден денес имам ментален тренер кому можам да му се јавам во секој момент“, вели данскиот ракометен „суперстар“.
Тој отворено говори за проблемите на професионалните спортости, потенцирајќи дека клучно е да се изолираат од надворешните влијанија.
„Постојат два гласа во нашиот ум… гласот А кој е дел од мене и се работи едноставно и инстинктивно. Тука е и гласот Б кој многу размислува, коментира, влегува во конфликти, ги прима надворешните влијанија и создава проблеми во размислувања… Да се најде целосен внатрешен баланс, тоа е уметноста, никој не може да го исклучи гласот Б, но затоа можеме да го лимитираме, со тоа и да го намалиме неговото влијание врз нашето однесување и размислување“ советува Матијас Гидсел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
