И Јаховиќ неизвесен за мечот со Италија, Адеми ќе биде подготвен

И офанзивецот на турски Гезтепе, Адис Јаховиќ е неизвесен за настап на бараж натпреварот за пласман на СП 2022 против Италија на 24. март во Палермо.

Како што е познато, Елиф Елмас и Тихомир Костадинов ќе недостасуваат поради жолти картони, а меѓу повредените е и Аријан Адеми кој, според селекторот Благоја Милевски, сепак се опоравува добро и би требало да биде во комбинација.

„Јаховиќ е под знак прашалник затоа што има болки во тетивата. Ако не е во можност тогаш ќе биде повикан друг фудбалер“ – информираше денеска на Милевски на прес-конференцијата по објавувањето на списокот, притоа дополнувајќи:

„Несторовски не е повикан затоа што не е во натпреварувачки ритам подолг период. Повеќе од една година е надвор од терените, за жал има само 13 минути во натпреварувачки ритам. Но, секако тоа апсолутно не значи дека нема да биде во комбинација за настап на следните натпревари на македонската репрезентација“.

Радува враќањето на Адеми…

„Ме радува тоа што Аријан Адеми е многу подобар. Се чувствува навистина добро и се радуваме на неговото приклучување на репрезентативниот собир“ – вели Милевски.

Се вчитува...